Макрон: Компромисното решение е во интерес на Бугарија и Северна Македонија
Францускиот претседател Емануел Макрон лично самиот на завршната прес-конференција на самитот на НАТО во Мадрид, соопшти дека е „најдено компромисно решение“, кое според него е „во интерес на Бугарија и Северна Македонија“ и одговара на чувствителноста на двете страни. Макрон е убеден дека е најдено компромисно решение кое одговара на чувствителноста на двете страни...

Францускиот претседател Емануел Макрон лично самиот на завршната прес-конференција на самитот на НАТО во Мадрид, соопшти дека е „најдено компромисно решение“, кое според него е „во интерес на Бугарија и Северна Македонија“ и одговара на чувствителноста на двете страни.
Пред самиот крај на конференцијата за новинарите, францускиот претседател Емануел Макрон се осврна на оваа тема, без да му биде поставено директно прашање. Тој притоа рече работата на оваа тема продолжила на маргините на самитот и дека ова е еден од последните акти на ова француско претседателство со Советот на Европската унија, поточно размената со Бугарија и Северна Македонија.
„Но, остана важна тема која требаше да се допре до дното на прашањето, меѓу Бугарија и Северна Македонија. И така, за прашањето за пристапните преговори со Северна Македонија, ги продолживме во последните денови, а особено во последните часови, консултациите со македонските власти и со бугарските власти. Затоа што нашата заложба, која беше потсетена од Европскиот совет на 23 и 24 јуни минатата година, е токму во рамките на перспективата на Западен Балкан, да можеме да го отвориме првото поглавје за пристап и за Македонија Северна и за Албанија, продолжи францускиот претседател.
Емануел Макрон притоа е убеден дека е најдено компромисно решение кое одговара на чувствителноста на двете страни.
„Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на чувствителноста на двете страни, целосно почитувајќи го нивниот мандат. Длабоко верувам дека тоа е во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија, дека е прифатливо за сите и се надевам дека неговото разгледување во наредните денови од двете страни ќе го потврди тоа“.
Според Емануел Макрон, бугарскиот претседател и премиер, веќе му потврдија дека се придржуваат до овој француски став.
„Неговото прифаќање во принцип сега мора да продолжи во следните неколку часа или денови, но има потреба од консултации во Скопје. Ова решение на сите им обезбедува сигурност, предвидливост и гаранција за надминување на разликите наследени од минатото, што е самиот белег на европскиот дух. И се надевам дека тоа ќе овозможи да се оди до крајот на овој пат и да се започне in concreto, работата и со Северна Македонија и со Албанија“, заврши францускиот претседател.
На нашите барања упатени до Елисејската палата дали постои предвиден календар за што понатаму и дали може да се добие содржината на францускиот предлог, кој и понатаму останува непознат за македонската јавност, не добивме одговор.
Тони Гламчевски
