Францускиот предлог претставен пред владината коалиција
Недвосмислено легитимирање на македонскиот јазик, протоколот не е дел од преговарачката рамка. Францускиот предлог претставен пред владината коалиција. Нашите позиции се вметнати во предлогот рече премиерот Ковачевски...

Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, и протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, изјави премиерот Ковачевски по средбата со коалициските партии на кои во детали им го претстави напишаното во документот. Рече дека позицијата на државата е поповолна а во предлогот се вметнати нивните забелешки. Ковачевски не кажа дали за него и за коалициските партии е прифатлив предлог, туку официјален став ќе се гради преку широк консултативен процес. Се надева како што рече дека одлуката ќе биде државничка.
Историските прашања нема да бидат дел од преговарачката рамка тврди вицепремиерот Маричиќ кој посочи дека документот гарантира крај на бугарските барања. Доколку Владата донесе одлука после консултативниот процес дека го одобрува пакетот, тогаш јас можам веднаш да организирам средба на Меѓувладината комисија со Бугарија и да пристапиме кон потпишување на протоколот изјави Османи.
Ова е прва консултативна средба за францускиот предлог. Ковачевски ќе има широки консултации со експертската јавност, медиумите, претседателот Пендаровски и опозициските партии, а предлогот ќе биде разгледан и во Собранието. Тој ги повика партиите заедно да донесат одлука дека државата ќе оди во насока на влегување во Европската Унија.
Викторија Милевска
