САД ѝ испраќа на Украина нов пакет воена помош
Експлозии во Миколаев, напад во Лисичанск. САД праќаат воена опрема во вредност од 820 милиони долари. Продолжува и економската војна меѓу Русија и западот...

Доњецк под оган, најкритично во Славјанск, Харков и Лисичанск. Битки и во Одеса.
„Градот се уништуваше постепено. Доаѓаа тенкови, не знаеја дали има некој во објектите или не. Пукаа во зградите, не се поместуваа сè додека не беа урнати до темел“, изјави Володимир Назаренко, украински војник.
„Легијата „Слобода“ е херојска. Го брани градот во пеколни услови. Може да се рече дека ако постои пекол на Земјата, тоа се Северодоњецк и Рубижне“, рече Артем Рубан, украински војник.
Украински воени команданти ја обвинија Русија за напад со фосфорни бомби врз Змискиот остров само неколку часа по повлекувањето на силите на Москва. САД му праќаат на Киев нов пакет воена помош во вредност од 820 милиони долари. Вчера во Киев потпишана декларација со која се искажува единството на владата за влез во ЕУ.
„Потписот на оваа изјава значи исто што и потписот на апликацијата за прием на петтиот ден од војната. Патот кон членството не смее да трае со години и децении“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Се засилува и економската војна меѓу Русија и Западот. Додека Брисел подготвува нови санкции за руското злато, шефот на Кремљ потпиша декрет за преземање на контролата над гасно-нафтениот проект „Сахалин 2“ на далечниот исток на Русија. Со овој потег се загрозуваат компанијата „Шел“ и јапонските инвеститори. Путин ја зголемува соработката со соседна Белорусија.
„Политичкиот и економскиот притисок од таканаречениот „Западен колектив“ нè принуди да го забрзаме процесот на обединување. Полесно е заедно да ја минимизираме штетата од наметнатите противзаконски санкции, да го организираме производството на бараните производи, да развиеме нова експертиза и да ја прошириме соработката со пријателските земји“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Војната меѓу Русија и Украина влезе во петтиот месец.
Маја С. Филдишев
