Македонија

Тетово: Загрижува трендот на вработување на младите надвор државата

02.07.2022 12:18

Голем дел од тетовци чекаат повик за вработување повеќе од една деценија. Од Агенцијата за вработување велат дека понудата е мала, но недостасува и квалификуван кадар. Загрижува трендот што младите лица веќе и немаат интерес да се вработат тука. Заминуваат надвор од границите на земјава, а голем дел од нив и не се враќаат назад, покажуваат анализите на Институтот за развој на заедниците...

Десет, а некои речиси и дваесет години доаѓаат да заверат картон во Агенција за вработување во Тетово, но велат никој не ги повикал за работа. Има од различни професии. Некои чекајќи работа, се пред пензија, но ова право нема да можат да си го остварат, оти едвај имаат неколку години работен стаж. Младите пак, едвај чекаат да си заминат во странство.

Од Агенцијата велат дека е тешко за работа. Пандемијата и војната во Украина си го направи своето.

Понудата е мала, но и тој кадар што се бара недостасува на пазарот на трудот. Како дел од мерките на агенцијата е вршење обуки, со цел невработените да се стекнат со одредени вештини.

Од Институтот за развој на заедниците, велат дека највеќе загрижува трендот на вработување на младите, но надвор од границите на државата.

Решението според Коцевски, треба да се бара во нови инвентивни мерки за вработување за млади лица и планирани програми во образованието.

 

Зоран Димовски