Македонија

Зачестени напади од бездомни кучиња во струшко

02.07.2022 15:39

Изминатава недела се случија повеќе напади врз малолетни деца, повредени се две жени, а удавено е и цело стадо овци во село Мислешево. Граѓаните загрижени и револтирани, општината сè уште нема решение...

Зачестија нападите од бездомни кучиња во струшко. Изминатите десетина денови состојбата е алармантна, случени се повеќе напади.

Кучиња скитници направија масакр во село Мислешево, удавија цело стадо овци.

Жртви на напади има и во строгиот центар на градот. Повредени се две малолетни деца и две жени, кои завршија во болница.

Стружани се вознемирени и револтирани. Глутници агресивни кучиња има во сите населби во градот. Велат, стравуваат за сопственото и здравјето на своите деца.

„Полна е чаршијата со кучиња, полна е не се врви по чаршија. Опасни се трчаат по луѓе. Страшно е многу“, вели една стружанка.

„Кучиња има и во градот и во околината. Навистина претставуваат опасност, и за луѓето и за домашните животни. Нешто треба да се преземи. И, во светот има тренд за заштита меѓутоа и тие организации треба да поведат сметка. И по селата имаме големи штети од кучињата скитници и врз луѓе и врз домашни животни“, вели еден стружанец.

Градот сè уште нема решение за овој проблем. Има само еден волонтерски приватен стационар, кој не може да излезе на крај со стотиците кучиња во градот.

„Навистина состојбата со кучињата скитници е загрижувачка не дека ги има во голем број но колку и да се ризични се за пешаците и граѓаните и дење и ноќе. Работиме во делот на собирање. Има еден приватен стационар и со нив работиме имаме еден елаборат“, вели Рамис Мерко, градоначалник на општина Струга.

Повредените од кучиња скитници во струшко најавуваат тужби до општината, ќе бараат отштета. Нанесените штети од страна на бездомните кучиња, Струга годишно ја чинат илјадници евра.

Соња Рилковска