Османи: Бугарија може да има каков сака став за македонскиот јазик, важно ЕУ тоа не го прифаќа
Најголема придобивка на францускиот предлог е токму прашањето за јазикот.Во рамката ќе стои македонски јазик и тој станува официјален во ЕУ, нема никакви фусноти, нема бугаризација - вели шефот на дипломатијата Османи. Повика, оваа шанса да не се пропушти, бидејќи конечно меѓународно се етаблира македонскиот јазик. Продолжуваат широките консултации за францускиот предлог. Министерот Османи денеска ќе се состане и со спикерот Џафери...

Наративите дека за македонскиот јазик има фуснота и дека со францускиот предлог ќе се бугаризираме се неточни и штетни. Мора да се демонтира логиката дека треба да останеме блокирани за да не нè блокираат во иднина. Со ваква порака шефот на македонската дипломатија Османи, по втор пат на брифинг со медиумите го појасни напишаното во документот.
Најголемата победа во процесот, рече дека е затворањето на прашањето за јазикот, со што никаде повеќе нема да има спор, бидејќи тој станува официјален на Европската унија, вели Османи, кој повика оваа шанса да не се пропушти, бидејќи конечно меѓународно се етаблира македонскиот јазик.
Споредувајќи ги германскиот и францускиот предлог, Османи рече дека билатералните прашања, секогаш биле внесени во преговарачката рамка. Ново, вели тој, е дека делот за човековите и малцинските права во францускиот предлог, само е спуштен во посебен параграф, надвор од патоказот како засебен акциски план. Османи вели, дека уставот ќе биде отворен, но откако ќе помине првата Меѓународна конференција и оти во него ќе влезат Црногорците, Хрватите и Бугарите.
Деновиве продолжуваат широките консултации за францускиот предлог. Министерот Османи денеска ќе се состане со спикерот Џафери, за начинот на кој ќе биде консултирано Собранието. Најавена е и средба на премиерот Ковачевски со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Наредните денови со свој став за предлогот ќе излезат и коалициските партии во Владата.
Викторија Милевска
