Руско-украински конфликт

Се разгорува источниот фронт на Украина

03.07.2022 11:08

Продолжуваат битките на истокот на Украина. Напади и преку границата, во руски Белгород. Швајцарија организира конференција за помош на Киев. Русија се повлекува од серија договори во рамките на Советот на Европа. Западните земји најавуваат поддршка за Украина. Русија ја зајакнува соработката со соседна Белорусија...

Продолжуваат битките на истокот на Украина. Експлозии и во рускиот град Белгород. Жртви и материјална штета се пријавени и на двете страни.

„Во оваа зграда немаше војска, сепаратисти, туку мирни граѓани, среќни луѓе. Ми загинаа пријателка и нејзиниот сопруг од третиот кат. Оставија две деца во многу лоша состојба на интензивна нега“, вели жителка на Белгород.

Утре и задутре во Лугано, Швајцарија ќе се одржи конференција за помош на Укриана.

„Ние почнавме да се враќаме на секојдневието во ослободените места и територии. Но спроведувањето на таков голем проект низ земјата, обезбедувањето на нови безбедносни стандарди и квалитетен живот се возможни само со привлекување на меѓународни можности. Конференцијата во Лугано може да биде значаен чекор за обновата на Украина“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Москва ја зајакнува соработката со Минск. Белорускиот претседател Лукашенко порача – не сакаме војна со Украина, но Киев нè провоцира.

„Морам да ви кажам дека пред три дена, можеби и ден повеќе, од територијата на Украина имаше обид за напад врз воени објекти на територијата на Белорусија. Но, фала му на Бога, противвоздушните системи Панцир успеаја да ги пресретнат сите проектили истрелани од украинските вооружени сили“, изјави Лукашенко пред одбележувањето на Денот на независноста на Белорусија.

Во меѓувреме, Русија се повлече од серија договори во рамките на Советот на Европа. Процесот на излез од ова тело почна уште во март.

Маја С. Филдишев