Македонија

Заврши меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“

03.07.2022 12:51

Денес во Битола заврши тридневната единаесета по ред меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“. Писатели од сите генерации, од 17 земји, се собраа со цел да се промовира новосоздаденото, но и да се доближи до публиката, како и продолжи соработката со друштвата на писатели од другите земји...

Книжевна манифестација, која несомнено промовира меѓународна литература со високи вредности. Препознатлива по тоа што е насочена кон популаризација на македонските автори пред домашната публика, странските писатели и издавачките куќи, но и да ја разбуди иновативноста и креативноста особено на помладата генерација писатели. Годинешното единаесетто по ред издание досега најмасовно. Учеството на претставници од 17 земји само по себе говори колку оваа манифестација е препознатлива и има своја убавина.

Виктор Радун Теон од Нови Сад за прв пат учествува. Сефтето ќе го памети по наградата „Мозаик“, која се доделува на заслужни автори за промовирање на нашата книжевност. Жали што пандемијата и економските состојби го стагнираат издаваштвото, но вели дека е убеден дека има потенцијал да се демантираат непопуларните гласини.

„Иако, постојано се присутни оние кои говорат дека поезијата повеќе нема шанси и ретко кој ја чита, јас знам дека таа има свое место одобрено во времињата на кризи. Поезијата на суптилен начин го претставува она што е срж на човековата реалност“, рече Виктор Радун Теон писател од Србија.

Во текот на тридневната манифестација беа промовирани повеќе нови дела и списанија од областа на литературата, уметноста и културата, а беа одржани и неколку тематски трибини.

Стевче Митевски