За Пендаровски модификуваниот предлог е прифатлив
Пендаровски смета дека со прифаќањето на модификуваниот француски предлог би се донела одлука само да ги отвориме преговорите со ЕУ. Одлуката да се прифати модификуваниот француски предлог нема да биде ниту историски триумф, ниту историски неуспех или дебакл...

Модификуваниот француски предлог е транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции, во која три елементи се битни и затоа предлогот во овој формат е прифатлив, изјави претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност.
„Со предлогот ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и дозволува формално отворање на преговорите. Овој предлог со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, затоа што, за македонскиот јазик има чиста формулација“, истакна шефот на државата.
„Остануваме на европскиот колосек, кој е долг, а до овој момент не губиме ништо и сега е време да го отвориме стратешкиот дијалог овде“, рече Пендаровски.
Пендаровски смета дека со прифаќањето на модификуваниот француски предлог би се донела одлука само да ги отвориме преговорите со ЕУ. Одлуката да се прифати модификуваниот француски предлог нема да биде ниту историски триумф, ниту историски неуспех или дебакл.
Според Пендаровски, целата ситуација е со исклучително високи политички тензии во земјава, но не верува, како што рече, дека ова е судбинска дилема да се биде или не и за нацијата и за државата, ниту одлука која ќе дефинира идните генерации Македонци и македонски граѓани.
Нагласи дека очекува, откако предлогот ќе влезе во Владата, да се донесат владини заклучоци во случај да се прифати модифицираниот француски предлог со една реченица плус, да се повтори во извештајот на Владата до Парламентот, а тоа е дека, како што рече, од денот кога ќе почнат преговорите па се до нивното завршување, кога и да е тоа, ако има какви било дополнителни обиди од бугарска или чија било страна повторно да се спомнува македонски идентитет, историја, јазик, во истиот момент самите да се повлечеме од тие преговори.
Со францускиот предлог, рече Пендаровски, историјата не е услов и има само една реченица и во предлогот и во протоколите. Има сугестија почесто да се среќаваат историчарите.
