Пендаровски најави посилен ангажман во вториот круг

13.04.2014 23:11

Сакам да порачам дека борбата не е завршена. Ни претстои вториот круг, рече Пендаровски...

Претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски вечерва на завршната прес-конференција го оцени како успех бројот од 320 илјади гласови кои ги освои во првиот круг од претседателските избори и најави уште посилен ангажман за вториот круг од изборите. 
 
„Триста и дваесет илјади гласови во корист на опозицискиот кандидат според мене се храброст во овие услови. Им честитам на сите кои гласаа денеска за опозицијата. Бројот на гласови на кандидатот на власта, по мое длабоко уверување не е резултат на неговите квалитети, ниту пак на успесите на политичката структура, која го поддржува. Сакам да порачам дека борбата не е завршена. Ни претстои вториот круг“,  рече Пендаровски.
 
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, оцени дека резултатот од првиот круг за избор за претседател на РМ не е воопшто како што очекувале, бидејќи според него, во изминатиот период добиле масовна поддршка како опозицијата и за нивниот кандидат за претседател на држвата. Тој воедно ја обвини власта за систематска кражба на гласови.