Украина

Лисичанск под руска контрола, во Швајцарија конференција за помош на Киев

04.07.2022 09:42

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу веќе го известил шефот на Кремљ Владимир Путин дека ја презеле контролата врз Луганск...

Украинската војска се повлекува од Лисичанск. Според генералштабот на воените сили, какво било продолжување на борбите ќе доведе до фатални последици за трупите. Со оваа одлука, Украина го губи последното упориште во Луганск. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу веќе го известил шефот на Кремљ Владимир Путин дека ја презеле контролата врз Луганск.

„Ние ќе се вратиме, благодарение на нашата тактика, благодарение на зголемената испорака на модерно оружје. Украина не се предава“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Има напади и во Харков.

„Ова е 47-то училиште, син ми учеше овде. И внук ми требаше, ама гледате што направија Русите. Овие луѓе се ѕверови“.

Самопрогласената Луганска Народна Република отвори канцеларија за издавање на руски пасоши. Во април 2019 година, претседателот Путин потпиша декрет за олеснување на процедурата во Доњецка и Луганска Република, ден откако неговиот украински колега Зеленски прогласи победа.

„Задоволна сум што ја имаме оваа можност, што можеме да добиеме државјанство бидејќи сакаме да им дадеме иднина на децата. Јасно ни е дека ова е за нивно добро“.

Во последните три години, во овие самопрогласени републики, руско државјанство добиле над 800 илјади луѓе.