Украинската армија се повлече од Лисичанск, руските сили се пренасочија кон Доњецк
По освојувањето на Луганск, руските сили се пренасочуваат кон соседен Доњецк. Двата региона на истокот на Украина се нивна главната цел во втората етапа од воената операција. Во самопрогласената Луганска Народна Република отворена канцеларија за издавање на руски пасоши. Во Лугано, Швајцарија, дводневна конференција за помош и обнова на Украина...

Украинската војска се повлекува од Лисичанск. Според генералштабот на воените сили, какво било продолжување на борбите ќе доведе до фатални последици за трупите. Со ова, Украина го губи последното упориште во Луганск. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу веќе го известил шефот на Кремљ Владимир Путин дека ја презеле контролата врз Луганск. Фронтот сега се пренасочува во соседен Доњецк, вториот источен регион кој е фокусот на оваа етапа од руската инвазија.
„Ние ќе се вратиме, благодарение на нашата тактика, благодарение на зголемената испорака на модерно оружје. Украина не се предава“, изјави Володимир Зеленски.
Напади и во Харков.
„Ова е 47-то училиште, син ми учеше овде. И внук ми требаше, ама гледате што направија Русите. Овие луѓе се ѕверови“.
Самопрогласената Луганска Народна Република отвори канцеларија за издавање на руски пасоши. Во април 2019 година, претседателот Путин потпиша декрет за олеснување на процедурата во Доњецка и Луганска Република, ден откако неговиот украински колега Зеленски прогласи победа.
„Задоволна сум што ја имаме оваа можност, што можеме да добиеме државјанство бидејќи сакаме да им дадеме иднина на децата. Јасно ни е дека ова е за нивно добро.
Во Лугано, Швајцарија, дводневна конференција за помош на Киев. Лидери на десетици земји, меѓународни организации и приватниот сектор подготвуваат „Маршалов план“ за обнова на Украина.
Маја С. Филдишев
