Мицкоски предупреди на будност поради утрешната владина седница
Блокирана улицата пред Владата. Граѓани цела ноќ останаа на Илинденска во знак на протест против францускиот предлог. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не очекува премиерот Ковачевски да го прифати вчерашниот негов предлог. Мицкоски предупредува на будност поради утрешната владина седница. Вечер повторно протест...

Автомобилите ќе се тргнат кога Владата ќе го одбие францускиот предлог. Илинденска блокирана од возила на граѓани кои по синоќешниот протест одлучија ноќта да ја минат на отворено.
Негирањето на правото на самоопределување и условување на интеграцијата преку бришење на културната и историска посебност не е дел од критериумите за членство во Унијата, коментираат учесниците на протестот.
Ако Владата го прифати конкретниот предлог, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени за впишување на Бугарите во највисокиот правен акт во државата. Иако премиерот најави широки консултации за добиениот предлог, од партијата се скептични дека истиот ќе се најде на разгледување пред пратениците.
Партискиот лидер Мицкоски, не верува дека премиерот ќе ги прифати предлозите што му ги даде на лидерската средба. Ковачевски да каже „НЕ“, а тој да се откаже од барањето за предвремени избори. Ги повика граѓаните масовно да излезат на протест кога предлогот ќе се најде на владина седница.
Протести се одржуваат секој ден од 19 часот под мотото – Ултиматум, не благодарам.
Анита Д. Велковска
