ДС и ДОМ бараат од преговарачката рамка да се отстранат билатералните прашања
Владата да инсистира да се преработи преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, заклучок на претседателството на Демократскиот сојуз. Владиниот коалициски партнер со став, доколку ЕУ нема разбирање за македонските позиции, тогаш да се отфрли модифицираниот француски предлог. На иста линија и од ДОМ. Имаме чист македонски јазик во ЕУ, без додавки и без фусноти, историските прашања не се дел од преговарачкиот процес, велат од СДСМ...

Помалите коалициони партии во Владата не даваат поддршка за оваа форма на францускиот предлог. За ДОМ и Демократски сојуз неприфатливо е да се преговара за историјата и образованието. Маја Морачанин вели дека нивната поддршка сепак ќе зависи од содржината на протоколот. Бара заедно со предлогот да бидат преведени на македонски јазик.
Со ист став и Павле Трајанов, но тој дополнително бара широк консензус и расправа во Собранието за да се донесе заеднички став за францускиот предлог, но и за протоколот. Дециден е дека повеќе не смее да се разговара за македонските револуционери, но и да нема заедничко прославување на празници.
Опозициската БЕСА ќе го поддржи францускиот предлог. Пратеникот Зендели вели дека кога ќе се отвора уставот ќе имаат свои барања.
Од СДСМ со поддршка за францускиот предлог. Тврдат-македонскиот јазик е чист, историските прашања не се во преговарачката рамка.
Премиерот Ковачевски најави дека ако предлогот се прифати, оди пред пратениците. Според најавите, документот ќе се разгледува в четврток.
Викторија Милевска
