Села: Предлогот е прифатлив, единствен пат за Македонија треба да биде Европската Унија
Премиерот Ковачевски ги продолжува консултациите за францускиот предлог. Во клубот на пратеници, средба со лидерот на Алијанса за Албанците. За Села предлогот прифатлив. Вели дека единствен пат за Македонија треба да биде Европската Унија и партиите не треба да размислуваат за добивање политички поени, туку за мирен регион …

Немаме двоумење, ние би прифатиле таков предлог-изјави претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски која е дел од најавените широки консултации за францускиот предлог со цел надминување на спорот со Бугарија и за отпочнување на преговорите со ЕУ. Сели рече дека ги разбира чувствата на своите сограѓани Македонци, но и дека Македонија нема алтернатива освен ЕУ. Иако Села поддршката не ја услови со ништо, сепак додаде дека со отворањето на Уставот за имплементирање на делови од францускиот предлог, треба и да се разговара за уставни промени кој се однесуваат и на употребата на албанскиот јазик.
Прифаќањето на предлогот од нивна страна го гледа како овозможување на продолжувањето на евроинтегративниот пат, и посочи дека премиерот Ковачевски на средбата му дал уверување дека македонскиот јазик во документот останува во чиста формација. Дополнително премиерот на лидерот на Алијанса за Албанците му порачал дека неопходно е државничко однесување и вистинска одлука за мир, стабилност во државата и просперитет на сите народи во Македонија.
Села смета дека доколку две страни имаат спор како во случајот Скопје-Софија, треба да се движиме во насока на меѓусебно препознавање, и строго почитување на Копенхашките критериуми, со посебен акцент на универзални човекови права, меѓу кои и правото на самоопределување. Зачленувањето на земјава а во ЕУ, според Села, има геополитичко значење и политичарите треба повеќе да размислуваат за стабилноста на регионот, а помалку за добивање на политички поени.
Марина Т. Стојанова
