НАТО

Финска и Шведска пред портите на НАТО

05.07.2022 12:30

Земјите-членки на НАТО го потпишаа пристапниот протокол за прием на Шведска и Финска во Алијансата. Со ова и официјално започна процесот. Според генералниот секретар Столтенберг, Сојузот ќе биде посилен во време кога се соочува со најголемата безбедносна криза во последниве децении...

Финска и Шведска се стекнаа со статусот поканети земји за членство во НАТО. Сојузниците го потпишаа пристапниот протокол во седиштето на Алијансата во Брисел, со што и официјално почна процесот за нивно приклучување во Алијансата.

„Вратата на НАТО останува отворена за сите европски демократии кои сакаат и се подготвени да придонесуваат за нашата заедничка безбедност. Ова е добар ден за Финска и Шведска, но и добар ден за НАТО. Со 32 земји членки ќе бидеме посилни и нашите народи побезбедни во време кога се соочуваме со најголемата безбедносна криза во последните децении“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Протоколот за пристапување на Финска и Шведска го потпишаа сите 30 сојузници.

„Заедно сме посилни. Членството на Финска и Шведска не само што ќе придонесе за нашата безбедност, туку и за колективната безбедност на Алијансата. Убеден сум дека Финска ќе го направи НАТО посилен политички и воено. Со децении, НАТО е клучен фактор за безбедноста и стабилноста на Европа. Силно и единствено НАТО е наш заеднички интерес и во иднина“, изјави Пека Хависто, министер за надворешни работи на Финска.

„Како идна членка на Алијансата, Шведска ќе придонесува за безбедноста на сите сојузници. Убедени сме дека нашето членство ќе го зацврсти НАТО и ќе придонесе за стабилноста во евроатлантскиот регион“, изјави Ан Линде, министерка за надворешни работи на Шведска.

По потпишувањето на протоколот, 30-те земји членки треба да го ратификуваат членството на 31-та и 32-та земја членка согласно со нивните национални процедури. По завршување на ратификацијата, Финска и Шведска ќе ја потпишат повелбата на НАТО во Вашингтон со што и официјално ќе станат дел од Алијансата.

Ирина Гелевска