Струга

Струга преплавена од бездомни кучиња, советниците бараат итно решавање на проблемот

05.07.2022 12:46

По зачестените напади од кучиња скитници, струшките советници бараат итна стерилизација и хуман третман. Велат тоа е единствениот излез за проблемот со големиот број глутници кучиња, кои сеат страв во струшко. Во ек на летната сезона туристичка Струга е преплавена од бездомни кучиња, граѓаните револтирани, стравуваат за сопственото и здравјето на своите деца...

Струшките советници бараат итно решавање на проблемот со бездомните кучиња. По неколкуте напади врз малолетни деца и жени, кои завршија во болница, советниците од ВМРО-ДПМНЕ поднесуваат предлог за итна акција стерилизација и хуман третман.

Велат во услови кога градот нема стационар, тоа е единствениот излез за проблемот со големиот број глутници кучиња, кои сеат страв во струшко.

„Да се изнајде итно и брзо решение со оглед на можностите и на општината и на останатите фактори со цел да го ублажиме овој првичен удар којшто го доживуваме секојдневно како граѓани на општина Струга во поглед на се позачестените напади од кучињата скитници. Тоа значи дека од општината ќе бидат побарани средства за итна стерилизација и кастрација“, вели Никола Кукунеш советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Струга.

Во ек на летната сезона туристичка Струга е преплавена од бездомни кучиња, граѓаните револтирани, стравуваат за сопственото и здравјето на своите деца. Проблемот со кучињата скитници се провлекува со години, а градот сè уште нема решение.

„Тоа е пред сè отсуство на слух кај надлежните кои се задолжени да се грижат за проблемите со кои се соочуваат граѓаните меѓутоа никогаш не е доцна да се направи првиот чекор да се воспостави пракса којашто во иднина ќе може да ја користиме“, додава Кукунеш.

Изминативе десетина денови регистрирани се повеќе напади во струшко. Кучиња скитници направија „масакр“ во село Мислешево, удавија цело стадо овци. Жртви на напади има и во строгиот центар на градот. Повредени се две малолетни деца и две жени кои завршија во болница. Повредените најавуваат тужби до општината, ќе бараат отштета.

Соња Рилковска