ЕУ: Нема да му дозволиме на Кремљ да ја уништи Украина
Кремљ постепено ја остварува воената агенда за Украина. Руските сили го контролираат Луганск, следна цел е Доњецк. Победата таму ќе значи освојување на Донбас – индустрискиот центар на југоистокот. Киев бара помош и оружје од западните земји. ЕУ ветува – нема да му дозволиме на Кремљ да ја уништи Украина...

По падот на Лисичанск, руските сили ја презедоа контролата врз Луганск. Офанзивата сега се пренасочува во соседен Доњецк, еден од двата региона во Донбас, којшто е во фокусот на воената агенда на Москва.
„Во офанзивата е заземена територија од вкупно 670 квадратни километри. Украинските сили загубија 5.469 луѓе“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.
„Единиците кои учествуваа во борбените операции и постигнаа успех и победа во Луганскиот регион треба да одморат и да ги обноват борбените капацитети. Во меѓувреме, другите единици, вклучувајќи ги групите на Восток и Запад, треба да продолжат да ја извршуваат мисијата согласно одобрениот план“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Населението во критичните подрачја веќе почна да се засолнува.
„Територијата нема да е нивна долго. Ќе ги истераме наскоро и ќе биде наша.“
„Страв, нè обзема голем страв. Ужас. Не знаете од каде ќе долетаат. Гледаме од една, па од друга страна. Престрашно е. Сакаме само мир.“
„Остануваме колку што треба. Се плашиме да се вратиме дома, немаме каде да се криеме.“
Украинските напори и натаму делумно зависат од помошта на Западот, и во оружје и во финансиски средства.
„Обновата на Украина не е локален проект, не е проект на една нација, туку заедничка задача на целиот демократски свет, на сите земји, особено земјите кои се нарекуваат себеси „цивилизирани“. Обновата на Украина значи обнова на животот, животниот простор, сè што го прави човекот човек“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На дводневниот самит во Лугано, Швајцарија, политичката елита од западните земји ја повтори поддршката за Киев.
„Европа има специјална одговорност и стратегиски интерес да е на украинската страна на секој чекор од патот. Целта на Кремљ е воено, политичко и економско уништување на Украина“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на ЕК.
Во меѓувреме, Јапонија ги прошири санкциите за Русија. Војната во Украина трае пет месеци.
Маја С. Филдишев
