Француски предлог

Работни групи ќе ги филтрираат забелешките од преговарачката рамка

05.07.2022 14:59

Работни групи со членови од сите парламентарни партии ќе ги филтрираат забелешките од преговарачката рамка. ВМРО-ДПМНЕ бара подобрување на предлогот со заштита на идентитетот и јазикот. СДСМ го демантира брифингот на опозициската партија за работните групи. Не станува збор за преговарачката рамка, Мицкоски се изјасни дека нема да учествуваат...

Во Собранието ќе се формираат работни групи кои ќе работат на предлог-забелешките на преговарачката рамка. Предлогот е да има по двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса за Албанците и уште еден од помалите политички партии. Првата средба се очекува утре. ВМРО-ДПМНЕ бара да се разговара за измени кои ќе го подобрат предлогот во насока на заштита на идентитетот и јазикот.

Претседателот на Европскиот совет во убедувачка мисија во земјава. На средбата со помалите партии од власта го претставил интересот на ЕУ, земјава час поскоро да ги почне преговорите. Претседателот на Демократски Сојуз, Павле Трајанов на средбата истакнал дека се залага за транспарентен процес во кој ќе бидат вклучени и експертите, медиумите и невладиниот сектор.

Поддршка за францускиот предлог и од партијата на Мисовски. Извршниот одбор на НСДП одлучи да го прифати со цел земјава да ги почне преговорите со Унијата.

Утврдувањето на конечниот став по финалниот „Француски предлог“ за решавање на спорот со Република Бугарија, НСДП студиозно и аналитично го разгледа и донесе одлука во интерес на иднината, во интерес на демократскиот и економски развој на државата, во интерес на меѓународното етаблирање и геостратешко позиционирање на државата -се вели во соопштението од НСДП.

За СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, францускиот предлог е прифатлив.

Анита Димитријевска Велковска