Олумчев: Трансферот на вирусот кај младата популација ќе доведе до подобар колективен имунитет
Новите подваријанти на Омикрон се разликуваат од претходните со тоа што се 7 до 10 пати позаразни, но даваат лесна симптоматологија, објаснува докторот Сашко Олумчев...

Растат бројот на новозаразени со коронавирусот. Но, епидемиолози смируваат дека е очекувано поради летната сезона и укинувањето на рестриктивните мерки. Новите подваријанти на Омикрон се разликуваат од претходните со тоа што се 7 до 10 пати позаразни, но даваат лесна симптоматологија, објаснува докторот Сашко Олумчев.
„Симптоматологијата е таа, горнореспираторна симптоматологија. Болки во грлото, евентуално протекување на нос, може температура но не кај секој, некаде околу 30% качуваат температура. Целата таа симптоматологија трае околу 3 дена а после третиот ден дури и тестовите се негативни. Во моментот ни циркулираат сите типови иако мислам дека не е направено секвенционирање и не знаеме дали ги имаме овие подваријанти“, изјави Сашко Олумчев, епидемиолог.
Според доктор Олумчев, трансферот на вирусот кај младата популација ќе доведе до подобар колективен имунитет, но апелот е до повозрасните и хронично болните да останат претпазливи.
„Колку повеќе од младите лица се заразат со лесна симптоматологија, тоа само ќе ни придонесе за на есен да имаме многу подобар, поквалитетен колективен имунитет кој е стекнат по природен пат. Тоа ќе важи сè додека не почнат да се влошуваат симптомите или додека на се појави некоја нова подваријанта која би дала нешто потешки симптоми“, изјави Олумчев.
Лекарите очекуваат бројот на заразени да продолжи да се зголемува.
Комисијата за заразни болести деновиве имаше состанок. Но, оценето е дека засега нема потреба од нови мерки за спречување на ширењето на Ковид-19.
Ана Ј. Тодоровска
