Падна кран во Кавадарци, починаа две лица
При монтажа на кран за изградба на зграда во Кавадарци, истиот се срушил. Од повреди здобиени при падот на кранот, починати се две лица, градежни работници и двајцата од Скопје...

Претпладнево околу 9,30 часот на градилиште во Кавадарци, се срушил кран, при негово монтирање за изведување на градежни работи на станбена зграда. При монтажата, кранот се откачил и паднал. При инцидентот загинати се две лица и двајцата жители на Скопје. Едниот од загинатите работници бил на возраст од 30, а другиот од 50 години.
Увид извршил и јавен обвинител од ОЈО Кавадарци, на лице место на локацијата каде утринава, при извршување градежни работи, се откачи дигалка – кран, при што двајца работници од Скопје го загубија животот.
„Јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите. Локацијата се обезбедува, а надзор на лице место ќе извршат и надлежни инспекциски служби. Со цел утврдување на причините за несреќата ќе биде издадена наредба за вештачење, а во меѓувреме надлежното Обвинителство прибира вербални и материјални докази за испитување на сите околности“.
Во несреќата нема повредени лица. На лице место стигнала екипа на Итната помош од Кавадарци, која само констатирала смрт кај две лица, без можност да се помогне.
Петар Печков
