Заев: Францускиот предлог можеби не е најдобар, но е добра основа за почеток на преговори со ЕУ
Предлогот не е најдобриот, но треба да се прифати за конечно да ги почнеме преговорите со Европската Унија, изјави поранешниот премиер, Зоран Заев на конференцијата на „Економист“, којашто се одржува во Атина. Тој верува дека ќе има мнозинство во Собранието. Но, не знае дали прифаќањето на предлогот може да доведе во пад на Владата. Поважно е вели земјава да се придвижи напред...

Она што е важно е дека се гранатирани македонскиот идентитет и јазикот и затоа сметам дека последниот предлог на француското претседателство е добра основа за земјата да го почне преговарачкиот процес. Ова го истакна поранешниот премиер Зоран Заев говорејќи на годинешната конференција на Економист што се одржува во Атина.
„Секако, предлогот не е најдобриот, но, ние сме Балкан. Треба да го искористиме моментумот, имајќи на ум дека најважните прашања за нас, нашиот идентитет, Македонци од Македонија и нашиот македонски јазик се ставени во преговарачката рамка, јасно, како и сите други јазици и ќе стане иден официјален јазик на Европската Унија, рече Заев и додаде дека треба да се земе предвид и да се искористи фактот што „ЕУ во иднина ќе биде на маса со нас и Бугарија, дури и за билатерални прашања, преку преговарачкиот процес“, изјави Зоран Заев, поранешен премиер.
Лидерство од актуелната Влада но и од државниците на Балканот побараа и останатите учесници на конференцијата. Сметаат дека ЕУ треба да биде главниот поддржувач за регионот да тргне напред.
„Грција сака да биде фасилитатор во процесот за пристапување на земјите од регионот и ја комбинираме нашата визија со потребата на Европа да стане вистински актер за прогрес во регионот“, изјави Јоргос Катругалос, поранешен министер за надворешни работи на Грција.
„Со нашето членство во ЕУ, Унијата има голем бенефит. Западниот Балкан и ЕУ се важни едни за други. Ние веруваме дека Европа е нашиот континент, а Унијата наша судбина“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.
„Не можеме да имаме прогресивен регион ако имаме лоши билатерални односи, ова е мое мислење и затоа работиме напорно за да имаме добри регионални односи со сите држави“, изјави Дритан Абазовиќ – премиер на Црна Гора.
На годишната конференција на Економист што ќе трае до четврток учествуваат министри, поранешни премиери и претседатели, академци, како и претставници на бизнис заедницата.
Катерина Топалова
