Шарл Мишел: Имате историска можност да кажете „да“ за почеток на преговорите
Предлогот ги вклучува македонските позиции и забелешки, преговорите може да почнат веднаш по неговото одобрување – првиот човек на Европскиот совет во Скопје. За Мишел, ова е историска шанса која не треба да се пропушти. Според премиерот Ковачевски, државните позиции се заштитени со чиста формулација за јазикот...

„Имате историска можност да кажете „ДА“ за почеток на преговорите, рече првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел на прес-конференцијата по средбата со премиерот Ковачевски.
Тоа, според него, ќе донесе просперитет и стабилност.
Мишел посочи дека компромисното решение подготвено во Париз и поддржано од сите 27 земји-членки на ЕУ ги вклучува сите грижи на македонската влада и народ. Тој истакна дека во модифицираниот европски предлог, македонскиот јазик е со јасни формации и е рамноправен со другите јазици на европските држави. Претседателот на Европскиот совет рече дека со прифаќањето на предлогот, се отвора можност за итно закажување на првата меѓувладина конференција и на скринингот.
Премиерот Ковачевски истакна дека во консултациите со европските партнери, особено се внимавало на заштита на државните интереси, јазикот, идентитетот, историјата. Тој посочи дека билатералните историски прашања не се предмет на модифицираниот предлог, односно дека протоколот меѓу Скопје и Софија не е нотиран во преговарачката рамка.
Европскиот предлог ќе биде доставен до Собранието, каде во најкус рок треба да има седница на која пратениците ќе се изјаснат за прифаќање или не на европскиот предлог кој треба да го одблокира пристапниот процес и конечно да го тргне бугарското вето.
Марина Тонева Стојанова
