Протест-Француски предлог

Спасовски: Секој напад на полициски службеници или државни институции најстрого ќе се санкционира

06.07.2022 12:14

47 полицајци повредени, двајца посериозно, уапсени 11 демонстранти. Демолирани прозорци, откорнати плочки, материјална штета во Законодавниот дом. Инциденти и судири со полицијата пред Собранието на синоќешниот протест против францускиот предлог. Ова е вандализам – рече министерот Спасовски...

47 полицајци повредени, 13 потешко. Ова е билансот од немирите пред Собранието. Министерот Спасовски ги посети хоспитализираните на Клиниката за неврохирургија. Ги осуди инцидентите и порача-граѓаните да се воздржуваат од насилство. Секој напад на полициски службеници или на витални државни институции најстрого ќе се санкционира.

Во протестите кои почнаа пред Владата, а продолжија пред МНР и пред Собранието нема повредени демонстранти. Приведени се 11-мина. Со качулки на главите и маски фрлале откорнати бекатон плочки, камења, јајца и молотови коктели кон полицијата. Ваквото однесување го осуди и премиерот Ковачевски. Не го спори правото на протест, но смета дека насилството со ништо не може да се оправда. Настаните пред Собранието не се вистинското лице на европска Северна Македонија која е членка на НАТО, напиша Ковачевски на Фејсбук.

На потпалувачите на протестите ќе им порачам – не манипулирајте и не злоупотребувајте млади луѓе за да ги задоволите вашите политички апетити. Вашето сценарио синоќа резултираше со над 40 повредени полицајци и над десетина приведени.

27 април нема да се повтори! – напиша Ковачевски.

На Фејсбук со видеоснимки од штетите во Собрание се јави и спикерот Џафери.

Признавам и поддржувам сечие право на протест, на искажување став. Постојано и силно осудувам хулиганство, насилство, поттикнување на омраза, зашто тие не се решение. – напиша Џафери.

Настанот го осуди и евроамбасадорот Гир. Со порака на Твитер повика на воздржаност, почит и одговорност.

Ги осудувам синоќешните сцени на насилство во Скопје против полицијата која ги извршува своите задачи. Тие немаат место во едно демократско општество. – напиша Гир.

Анита Димитријевска Велковска