Воен конфликт

Војната во Украина влегува во петтиот месец

06.07.2022 12:46

Експлозии во Харков, но и преку границата. По нападите во руски Белгород, ракети паднаа и во Курск и Брјанска област...

Славјанск под силен оган. Украинскиот град се смета за идна цел на руските сили по падот на Лисичанск. Во нападите има жртви. Ракетирање и преку границата во руски Курск и Брјанск.

„Окупаторските сили истрелаа околу 30 касетни бомби во правец на Славјанск, кои се детонираа врз различни делови од градот. Некои удрија на централниот пазар, други во околните населби. Уништени е градската инфраструктура, но и станбени згради“, изјави Дмитро Ногин, шеф на полицијата на Краматорск.

„Еден месец не можев да гледам. Лежев во подрум. Благодарение на соседите, имав нешто да се напијам. Сопругата ми загина.“

„Живеевме со едно семејство, син ми беше болен. Не им се допаѓаше што стануваше средноќ да пие чај, па се преместивме на друго место. Но и таму се случи истото, па моравме да се вратиме дома.“

Претседателот на чеченскиот парламент, Магомед Даудов, предупреди – првенствено водиме џихад за одбрана на исламот, ќе продолжиме до Берлин.

„Ако даде Господ, нема сомнеж дека ќе ги освоиме Доњецк, Миколајев, Херсон, Одеса. Сè додека Владимир Путин не нè сопре, ако даде Господ, ќе војуваме до Берлин. Ќе победиме, нема сомнеж“, рече Магомед Даудов, претседател на чеченскиот Парламент.

Летонија најави враќање на задолжителната воена служба поради зголемените тензии со соседна Русија. Во Британија пристигна првата група украински војници на обука.

„Зборував со британскиот премиер Борис Џонсон. Му се заблагодарив за зголемената помош за безбедноста на нашата земја со дополнителни 100 милиони фунти покрај пакетот од една милијарда фунти. Дискутиравме и за систем со безбедносни гаранции за Украина кој го развиваме, и кој треба да бие ефикасен на долгорочен план за нашиот народ“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Според Стејт департментот, на Самитот на Г-20 на Бали не е предвидена средба на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Маја С. Филдишев