Судство

Тупанчески: Ниту еден од предметите кои ги работеле судиите што веќе се во пензија нема да остане нераспределен

06.07.2022 14:43

Министерот за правда Никола Тупанчески e оптимист дека ниту еден од предметите кои ги работеле судиите што веќе се во пензија нема да остане нераспределен. Состојбата со недостаток на судии може да се надмине со внатрешна реорганизација иако нема да биде едноставно, изјави Тупанчески кој присуствуваше на пуштањето во употреба на новите простории на Управниот суд. Шефицата на одделението за гонење организиран криминал Русковска, пак, е загрижена поради малиот интерес на обвинителите да се пријават на распишаните огласи за пополнување на слободните места...

Министерот за правда Никола Тупанчески, смета дека состојбата со недостаток на судии може да се надмине со внатрешна реорганизација иако нема да биде едноставно. Секогаш постои можност за надминување на состојбата со повеќе законски текстови изјави министерот кој присуствуваше на отворањето нови простории на Управниот суд.

Претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини, се надева дека во брзо време ќе се најде решение за да не се остави судството во независна позиција со оглед на бројот на предмети, а и менталитетот воопшто во тој дел. Тој додаде дека во овој период се пензионираа четири судии во Управниот суд.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција наместо со 20 функционира со 14 информираше шефицата на ова одделение Русковска. Сепак обвинителите даваат максимум и остануваат прекувремено за да не трпат предметите и постапките, додава Русковска. Таа е изненадена што има мал одзив на огласите за прием на обвинители и покрај највисоките плати кои ги имаат.

Судските власти добија нови простории на Управниот суд во кои ќе работат судиите кои одлучуваат по предмети против јавните органи. Изведувањето траеше година и пол и за тоа се потрошени близу 891 илјада евра.

Фиљана Кока