Француски предлог

Николоски: Нашите позиции се јасни, бараме македонски јазик без никакви дообјаснувања

06.07.2022 18:31

Се работи за три документи од коишто два се суштински затоа што само за Македонија се прави преседан во којшто првата меѓувладина се одлага и се условува со усвојување на уставни измени. Нашите позиции се многу јасни, многу прецизни, ги презентиравме во документ кој ќе ви биде поделен после изјавата, во којшто точно интервенираме во рамки на овие два документи, во точни членови и со точни називи. Првата точка во којашто интервенираме е точка три од општиот став каде што бараме реченицата „ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“ да се избришат, се вели во соопштението на партијата...

Денеска имавме разговори со останатите политички партии на коишто ги презентиравме забелешките на ВМРО-ДПМНЕ кон општиот став на ЕУ таканаречен преговарачка рамка, и заедничкиот став на ЕУ односно преговорите за пристапување, или поедноставно предлогот којшто беше доставен до Македонија.

Се работи за три документи од коишто два се суштински затоа што само за Македонија се прави преседан во којшто првата меѓувладина се одлага и се условува со усвојување на уставни измени.

Нашите позиции се многу јасни, многу прецизни, ги презентиравме во документ кој ќе ви биде поделен после изјавата, во којшто точно интервенираме во рамки на овие два документи, во точни членови и со точни називи.

Првата точка во којашто интервенираме е точка три од општиот став каде што бараме реченицата „ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“ да се избришат. Ова го бараме затоа што сметаме дека македонскиот јазик е самостоен, независен и нема што Бугарија да дава мислење во однос на македонскиот јазик којшто ќе станува дел од документите на ЕУ, и предлагаме јасно да пишува дека документите на ЕУ од акито и сето останато во преговорите ќе бидат на македонски јазик.

Значи велат јасна формулација за македонскиот јазик, ова е јасна формулација за македонски јазик, македонски јазик без никакви изјави, дообјаснувања, подобјаснувања итн.

Втора работа, во точка пет од преговарачката рамка се брише последната алинеја, којашто го вклучува договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017-та година како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според членот 12. Во точка пет се ставени критериумите според коишто Македонија ќе напредува за сите држави тоа се Копенхашките критериуми и договорите за стабилизација и асоцијација, само за Македонија се додаваат билатералните договори и специјално членот 12 во којшто е предвидено дека Бугарија ќе има контрола врз нашата историја, нашите учебници, нашето образование и нашата самоидентификација, тоа не можеме да го прифатиме и затоа бараме да се избрише.

Понатаму, во преговарачката рамка бараме во точка 1 да се избришат зборовите „првата фаза од“ односно поедноставно кажано да нема поделба на првата меѓувладина конференција и да не се условува со промена на Уставот, туку веднаш да започнат преговорите.

Второ, бараме да се избрише точката 11 којашто гласи „оваа преговарачка рамка ќе ви ја презентираме врз основа на општиот став на ЕУ за време на следниот состанок на меѓувладината конференција која сме подготвени да ја одржиме без понатамошни одлагања или дополнителна политичка одлука, веднаш што Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени“. Ние сметаме дека уставни измени не се потребни за Македонија да почне преговори со ЕУ.

Следно што бараме да се избрише е точка 13 од преговарачката рамка којашто исто така го дели преговарачкиот процес. И финално точка 14 од преговарачката рамка во којашто пишува дека „во таа насока го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија формирана согласно членот 12 од договорот за добрососедство со Бугарија, овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионална соработка коишто остануваат суштински елементи од процесот за проширување како и од процесот од стабилизација и асоцијација“, предлагаме да се избрише условувањето со усвојување на протоколот и следни протоколи коишто би ги имала Македонија со Бугарија, затоа што тие протоколи се уценувачки за Македонија и во истите се бара ревизија на македонската историја, македонската култура и самобитност.

Ова се нашите ставови, ова се нашите позиции и тие јасно ги презентиравме, се вели во сооопштението на партијата.