ДИК: Иванов освои 448.304 гласови, Пендаровски 326.069

14.04.2014 10:31

Според досега обработените резултати, преброени се 868.193 гласови, што покажува излезност од 48,86%...

Според последните податоци на интернет страницата на Државната изборна комисија (ДИК), од процесирани вкупно 99,72% од избирачките места, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, победи во првиот круг од претседателските избори со 448.304 гласови и влегува со водство во вториот круг кој ќе се одржи на 27-ми април. 

Кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски  освои 326.069 гласови. Трет на листата според освоени гласови е Иљаз Халими од ДПА со 38.956 гласови, а Зоран Поповски од ГРОМ има 31.360  гласови.
 
Објавените податоците се однесуваат на 3.502 од вкупно 3.512 избирачки места. Според досега обработените резултати, преброени се 868.193 гласови, што покажува излезност од 48,86%.
 
На последната пред конференција на ДИК, претседателот Никола Рилковски, изјави дека денешното гласање за шеф на државата се одвиваше во мирна, фер и демократска атмосфера. 
 
Сите гласачки места се отворени и затворени навреме. Поголеми инциденти не се забележани, освен во Неготино, каде во попладневните часови била искршена избирачка кутија во една изборна единица.
 
Првичните резултати од гласањето Државната изборна комисија ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.
 
Вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори. Во вториот круг одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови на првиот круг. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.