Џонсон подготвен да поднесе оставка
Премиерот Џонсон најави оставка. Попушти пред притисокот откако повеќе министри побараа да ја напушти функцијата. Трката за негов наследник веќе почна...

Премиерот Борис Џонсон соочен со распадот на неговиот кабинет се чини дека повеќе нема избор и е подготвен да поднесе оставка, јавуваат британските медиуми. Со тоа ќе се стави крај на политичката криза во земјата.
Џонсон претходно ги отфрли повиците на неговиот кабинет да се повлече по етичките скандали. Попушти откако повеќе министри побараа да си оди.
Кризата во Велика Британија почна кога влијателните министри за финансии и здравство, Саџид Џавид и Риши Сунак, поднесоа оставка поради скандалот со пратеникот Крис Пинчер. Тоа покрена лавина од оставки на министри и други владини функционери, што го стави Џонсон под огромен притисок.
„Мислам дека Риши се снајде многу добро за време на локдаунот. Јас лично чувствувам дека тој се подготвува да го преземе местото на Борис.“
„Мислам дека Борис Џонсон треба да си замине, да бидам искрен. Треба само да си оди. Немам доверба во него.“
Конечниот пад на Џонсон, кој пред само еден месец преживеа гласање доверба, почна откако се дозна дека знаел за обвинувањата за недолично сексуално однесување против Кристофер Пинчер кога го назначи за заменик-шеф на конзервативците во Парламентот. Пинчер се повлече од функцијата минатата недела.
Се очекува Џонсон официјално да ја соопшти својата оставка, но трката за негов наследник е веќе почната. Тој планира да остане премиер до есен, односно до изборот на новото водство на Конзервативната партија.
Марина Ристова
