Земјава е лидер по сиромаштија во регионот
Граѓаните тонат во сиромаштија. Околу 3 проценти од населението живее со 100 денари дневно. Растот на цените им ја загрози егзистенцијата. Економисти бараат Владата повторно да преземе мерки, особено за најранливите категории...

Од вкупно 1,8 милиони жители, речиси 3 проценти живеат во екстремна сиромаштија, со околу 100 денари дневно – статистички поодаток кој ја предизвика научната јавност да понуди препораки. Ректорот на Универзитетот Мајка Тереза, Изет Зеќири оценува дека зголемувањето на цените на основните производи директно влијае на сиромаштијата на државата. Тој ја советува Владата да преземе активни мерки за подобрување на оваа состојба.
„Имаме 22 проценти зголемување на сиромаштијата. 443.000 живеат во сиромаштија. 8% вработени ја чувствуваат сиромаштијата. Треба Владата да презема мерки преку, поддршка на сиромашните со давање на парична помош, вклучување, и преку реформа во социјалниот систем на рамномерно распоредување на приходите“, изјави Изет Зеќири.
Индексот на трошоците на животот во мај бележи зголемување од 11.9%, а индексот на цените на мало бележи за 12.1%. Според Заводот за статистика, само изминатиов месец е нотирано поскапување кај основните прехранбени производи: маслото за 6,7%, млекото за 5,4%, лебот и житата за 3.7%. Поскапени се и медицинските производи за скоро 20 проценти. Научната јавност со порака да се продолжи со мерките на замрзнување на цените, но и со порестриктивна монетарна политика од Народна Банка.
„Мерките треба да продолжат за да може да се држи во место трендот што за жал го гледаме од ден во ден дека расте“, рече Сузана Јордановска.
Според податоците, земјава е лидер во регионот по екстремна сиромаштија – компаративна анализа покажува дека во Грција, само 1 процент од населението живее со под две евра дневно, додека во соседна Србија тој процент е под 1 насто.
Марина Т. Стојанова
