Од необработеното земјиште, државата губи 6 милиони евра годишно

14.04.2014 11:21

И покрај поволностите за развој на земјоделието, големи земјоделски површини во источниот регион стојат необработени. 6 милиони евра годишно губи државата поради незаинтересираноста на невработените да се фатат за мотика.

Околу 6 милиони евра губи државата секоја година, поради незаинтересираноста на дел од земјоделците да ја обработуваат земјата и покрај сите поволности што ги нуди државата.

Наспроти напорите земјоделието да стане стратешка  економска гранка, зголемувањето на субвенциите и распределбата на  државното земјоделско земјиште, само во источниот регион, од околу 50.000 ХА  плодна површина, дури 15.000 чекаат на земјоделци:

Има многу земја што стои така, греота е. Овде има ниви на нколку штипјани кои со години не дошле да ги видат, а не пак да ги работат. - Изјава на земјоделец

Според проценките на земјоделските стручњаци, доколку овие површини се засеат со пченица, со сегашните цени од 15 денари за килограм, и со просечни приноси од 2,5 тони  по ХА, земјоделците би можеле да остварат приход од околу 6 милиони евра:

„Штетата  е на повеќе нивоа.  Губат трговците, оние што продаваат нафта и репроматеријали, на крајот губи државата во целост.“ - Никола Шалев, прет. на ФОРОП – Св. Николе

Зошто и покрај ова, нивите стојат необработени:

„Младите не сакаат да работат земјоделие, а има и такви кои имаат друга работа, па земјоделието не им е важно.“- Изјава на земјоделец

За состојбата да се смени, земјоделските здруженија препорачуваат здружување на земјодлеците и отпочнување со договорно производство.

На овој начин, заедно со поддршката од државата, регионот може да стане еден од земјоделски најразвиените во Македонија. 

 

Оливера Жежова