Фудбал

Прво квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига

07.07.2022 22:56

Во првото квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига, македонските претставници се чини влегуваат со спротивни шанси. Тетовскиот клуб ќе го носи товарот дека дома треба да оствари предност за реваншот во Ерменија, а струмичкиот може да игра растоварено во Полска препуштајќи му ја фаворитската улога на ривалот. На Градски во Скопје, Шкендија ќе го пречека Арарат кој на интернационалната сцена има 12 настапи...

Шкупи направи исчекор во фудбалска Европа, на ред се Шкендија и Академија Пандев. Во првото квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига, македонските претставници се чини влегуваат со спротивни шанси. Тетовскиот клуб ќе го носи товарот дека дома треба да оствари предност за реваншот во Ерменија, а струмичкиот може да игра растоварено во Полска препуштајќи му ја фаворитската улога на ривалот.

На Градски во Скопје, Шкендија ќе го пречека Арарат кој на интернационалната сцена има 12 настапи, а лани во УЕФА Конференциската лига на четири средби оствари една победа, две нерешени и еден пораз. Арарат има славно минато од седумдесеттите, дури и со четвртфинале во тогашниот Куп на шампионите, но во последно време е далеку од такви успеси, иако лани го освои ерменскиот куп. Во резултатска криза е и Шкендија која имаше лоши европски учества во две од последните три сезони, а пред тоа трипати по ред доаѓаше до разигрувањето за влез во групната фаза.

Од тој аспект, Академија Пандев имаше поскромен ефект, само еднаш играше на интернационалната сцена, а откако заврши второпласирана во македонскиот шампионат, ќе има можност да ја предизвика Лехија. Полската екипа ќе биде домаќин на денешниот дуел, за тимот од Гдањск прв европски по 2020-тата кога беше елиминиран од Брондби.