Велика Британија

Реакции за оставката на Џонсон

08.07.2022 09:48

Последната криза во Вестминстер предизвика лавина реакции на глобалната политичка сцена, но и на домашен терен. Светските лидери во неизвесност од натамошниот развој на британската политика по оставката на премиерот во заминување Борис Џонсон од лидерската позиција на конзервативците...

Последната криза во Вестминстер предизвика лавина реакции на глобалната политичка сцена, но и на домашен терен. Светските лидери во неизвесност од натамошниот развој на британската политика по оставката на премиерот во заминување Борис Џонсон од лидерската позиција на конзервативците. Политичките опоненти инсистираат да се повлече и од премиерската функција која најави дека ќе ја извршува додека не биде избран неговиот наследник.

„Нашиот сојуз со Обединетото Кралство ќе остане силен. Специјалната врска со народот во земјата ќе опстане. Ништо од ова нема да се смени“, изјави Карин Жан-Пјер, портпарол на Белата Куќа.

„Ние имаме важна релација со Обединетото Кралство. Го развиваме пактот „Аукус“ со нив и САД. Имаме блиски лични односи, врски во одбраната, во бизнисот и од суштинска важност е сето ова да продолжи на непречен начин“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.

Сатирата, исто како и во мандатот, беше неизоставен дел и во процесот на оставката. Пред парламентот, антибрегзит активистите го попречуваа известувањето на новинарите со воведната песна од англискиот хумористичен серијал „Бени Хил“.

„Изненаден сум што чекаше толку долго. Мислев дека ќе продолжи, но веројатно сфатил дека е време да замине.“

„Уште долго работите нема да се подобрат. Првин ќе се влошат, па потоа ќе биде добро. Веројатно ќе треба да поминат 18 месеци или две години за тоа.“

Опозицијата бара распишување на нови избори. Притисокот врз Џонсон се зголеми со серијата министерски оставки. Кризата во владиниот кабинет почна со скандалот „партигејт“ – организираните забави за време на пандемијата со Ковид-19, а ескалираше со последната афера на сопартиецот Пинчер обвинет за недолично однесување. Брегзит, пандемијата со Ковид-19 и војната во Украина беа меѓу главните предизвици со кои се справуваше, 58-годишниот политичар во својот мандат.