Кацарска: Промената на Уставот нема да биде лесен чекор
Необјавувањето на билатералниот протокол, со право ги подгрева недоумиците и различните толкувања за преговарачката рамка, став на експертите. Промената на Уставот нема да биде лесен чекор, вели Кацарска од Институтот за европска политика. Вели, Собранието мора рационално да ги разгледа сите отворени прашања...
Предложената преговарачка рамка не може да се менува со наши забелешки по дебатата во земјава, сметаат од Институтот за европска политика. Ако ја прифатиме, следува првата Меѓувладина конференција и почнување на билатералниот скрининг. Потоа претстои предизвикот да го исполниме барањето за промена на Уставот.
„Првиот чекор кај нас сите точно знаеме што е, промена на Уставот. Дискусијата што ја имавме со Бугарија долго време беше во која фаза тоа да се случи. Тоа беше дел од нашите отстапки. Тоа очигледно е ставено по фазата на отворање на преговорите“, изјави Симонида Кацарска, директор на Институтот за европска политика.
Експертите оценуваат дека наше е да одлучиме ако не ја прифатиме сега преговарачката рамка, дали сме подготвени да чекаме друга и дали да станеме дел од новата европска политичка заедница.
„Политичката заедница сè уште е концепт што не е доволно јасен. Секако е подобро да влезете како земја којашто води преговори. Тука нема збор. Исто така останува прашањето дали ќе успеете да ги водите преговорите. Тука сега ние треба да процениме“, изјави Симонида Кацарска, директор на Институтот за европска политика.
Според Кацарска, спротивставувањето на францускиот предлог во јавноста доаѓа од недоволната транспарентност за содржината, особено за протоколот со Бугарија. Но, сепак тешко е да се спроведе референдум за негово прифаќање, па дебата и одлуката останува во Собранието.
Ирина Гелевска