Јапонија

Шинзо Абе почина во болница, светските лидери веднаш го осудија нападот

08.07.2022 13:34

Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе почина во болница. Беше застрелан додека држеше говор на улица, за изборната кампања. Атентаторот рекол дека бил незадоволен од неговата работа. Осуда од светските лидери...

Атентат врз поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе. Беше застрелан од зад грб за време на говор во Нара. По неколкучасовна хоспитализација, им подлегна на повредите во вратот и градите. Приведен е 41-годишен маж идентификуван како Јамагами Тецуја, поранешен припадник на јапонската воена морнарица. При апсењето воопшто не пружал отпор, а како причина за атентатот го навел незадоволството од политиката на Абе. 67-годишниот влијателен политичар водеше кампања за претстојните парламентарни избори.

„Овој варварски чин се случи сред избори, темелите на демократијата, и не може да се прости“, рече Фумио Кишида, премиер на Јапонија.

„Ваков варварски чин е непростлив независно од причините. Најостро го осудуваме, Владата ги презема сите мерки“, изјави Хироказу Мацуно, шеф на владиниот кабинет на Јапонија.

„Соработуваме во полициската истрага. Само тоа можам да го кажам. Која и да е позадината на осомничениот, ова е неприфатливо“, изјави Нобуо Киши, министер за одбрана на Јапонија.

Дел од светските лидери веднаш го осудија нападот. Меѓу првите беа САД, Русија и Австралија. Абе беше премиер со најдолгиот мандат кој траеше од 2012 до 2020 година. Иако се повлече од функцијата поради здравствени проблеми, остана влијателна политичка фигура во владејачката Либерал-демократска партија. Во неговото владеење беа направени похрабри монетарни потези, ги зголеми трошоците за одбраната и ги зајакна односите со САД.

Маја С. Филдишев