Туризам

Инвалидизираните лица бараат адаптирана плажа на брегот на Охридското Езеро

08.07.2022 14:14

Повеќе од една деценија телесните инвалиди бараат адаптирана плажа на брегот на Охридското Езеро. Изготвени се повеќе проекти, одредени се и неколку локации на брегот на Охридското Езеро, но надлежните немаат слух, се жалат од Здружението Мобилност – Скопје. Светот работи на пристапен туризам, а ниедно езеро во земјава нема плажа за инвалидизирани лица...

Повеќе од една деценија инвалидизираните лица бараат адаптирана плажа. Изготвени се повеќе проекти, одредени се и неколку локации на брегот на Охридското Езеро, но надлежните немаат слух, се жалат од Здружението Мобилност.

Со години се соочуваат со препреки, најново е образложението дека езерото е под закрила на УНЕСКО и не смее да се бетонира брегот, но постојат и алтернативни решенија по теркот на развиените земји, каде успешно функционираат капалиштата за телесни инвалиди.

„Повеќето од нас се здрави во горните екстремитети, кога би имало таква хидраулична рампа каде што би можел да влезе во езерото тој понатаму би можел да плива. И ние би сакале да се капеме, и ние сакаме да се сончаме, ние сакаме да пливаме и ние сакаме да го правиме она што го прават сите луѓе“, вели Христина Просковска-Мобилност Скопје.

Наместо во сопствената земја, лицата со телесен инвалидитет на одмор патуваат во соседството, бидејќи на домашните езера плажите им се непристапни.

„Зошто да одиме на други места, кога би можеле во Македонија да ги користиме тие услови. Македонија на ниедно езеро нема услови, особено на Охридското Езеро на најубавото наше езеро треба да имаме една пристапна рампа што ќе може да ја користиме, барем да можеме да влеземе и да се искапиме во езерото“, вели Гоце Миновски-претседател на „Мобилност“- Скопје.

Светот работи на развој на пристапен труизам, специјалната адаптирана плажа за инвалидизирани лица ќе ја збогати туристичката понуда на Охридското Езеро и ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи и од земјава и странство.

Соња Рилковска