Собрание

Неизвесно е кога ќе има седница за преговарачката рамка

08.07.2022 14:34

Партиски реакции по доставувањето на владината информација за предлог-преговарачката рамка. ВМРО-ДПМНЕ бара нејзино повлекување. Инсистира да биде доставени предлогот и протоколот. Владата на официјалната интернет страница интегрално го објави францускиот предлог. Кога ќе има пленарка, ќе биде појасно по координацијата кај спикерот Џафери в понеделник...

Девалвација на Собранието, класична злоупотреба и симнување на најниско ниво на Законодавниот дом – ова е ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако Владата на само еден лист до пратениците испрати информација за предлог-преговарачката рамка на француското претседателство, без ниту еден документ. Опозициските пратеници преку писмо до спикерот Џафери бараат владината информација да се врати и до пратениците да се испрати преговарачката рамка, заклучоците на Советот на ЕУ и билатералниот договор кој е клучен за Македонија.

Преку носење на натамошни заклучоци согласно собраниските процедури за овој европски предлог е одговорност на Законодавниот дом. Сите политички партии, сите пратеници во Собранието треба да покажат одговорност, државност, да придонесат со дијалог, конструктивност во носењето на конечната одлука – велат од СДСМ.

Првиот човек на Демократскиот сојуз на иста линија со опозицијата. Трајанов смета дека листот хартија испратен од Владата е несериозен и неодговорен пристап.

На координацијата в понеделник ќе се договара кога на дневен ред би се ставила информацијата за преговарачката рамка. За тоа дека недостасуваат документите, Џафери вели-тие се јавно достапни, иако никој освен Владата го нема видено билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија.

Миле Ристески