Македонија

Земјава ќе добие нов Граѓански законик

08.07.2022 15:04

Ќе се крои нов Граѓански законик, ќе се модернизираат закони, стари седум децении. Експертите со оценка – тоа ќе биде една од најзначајните реформи во правото, во последните 30 години. Се очекува да овозможи поголема правна сигурност …

По теркот на европските земји и ние ќе скроиме Граѓански законик. Ќе содржи 5 дела – општ и уште 4 со кои ќе се регулираат стварните, облигационите, семејно-правните и наследни односи. Експертите велат дека ова е една од најзначајните реформи во последните 30 години, затоа што се модернизираат закони стари 7 децении.

Планирани се коренити измени во делот што ги опфаќа правата и интересите на децата, а ќе се предложи модел за заедничко вршење на родителско право по разводот. Предвидено е воведување на брачен договор со кој партнерите ќе може сами да ги уредуваат имотните прашања, а поквалитетно ќе се регулира и вонбрачната заедница.

Познавачите велат дека модерниот Граѓанскиот законик ќе биде во функција на граѓаните, ќе ја олесни работата на правниците и ќе обезбеди поголема правна сигурност. Проектот треба да финишира за две години.

Анита Димитријевска Велковска