ВМРО- ДПМНЕ прогласи победа
Граѓаните ги избраа реформите и концептот за перманентен развој со кој државата оди напред. Гласаа за нови работни места, инвестиции, за подобра иднина на нивните деца

Граѓаните ги избраа реформите и концептот за перманентен развој со кој државата оди напред. Гласаа за нови работни места, инвестиции, за подобра иднина на нивните деца. Граѓаните знаат да направат разлика помеѓу партијата што остварува и се држи до дадениот збор. Им честитам на граѓаните за нивната демократска зрелост – рече кандидатот за шеф на државата Горге Иванов на синоќешната прослава во Домот на Армијата по пребројаните гласачки ливчиња со кои тој извојува убедлива победа со повеќе од 110 илјади гласови разлика во однос на опозицискиот кандидат Стево Пендаровски.
Реформите убедливо ќе победат рече Иванов. Потврда за нашиот успех ќе биде 27 април кога граѓаните масовно ќе го дадат својот глас за посветла иднина на земјата. Иванов рече дека како иден претседател нема да дозволи раздор и политики на поделби. Ќе се залага за надминување на разликите, за соживот, сплотеност. Без разлика за кој кандидат за претседател го дале својот глас, Иванов вети дека ако победата се потврди и на 27-ми ќе биде исто како и до сега, претседател на сите граѓани.
Претседателскиот кандидат Иванов кој ги освои симпатиите на мнозинството граѓани во првиот изборен круг уште еднаш потсети дека за иднината на државата и клучните прашања од државен интерес ќе одлучуваат граѓаните.
Претседателот на партијата Никола Груевски им честиташе на гласачите за оддржаните фер избори со кои како што рече се потврдува волјата на мнозинството, а Македонија покажува дека е зрела демократска земја. За убедлива победа и освојување на 62 пратенички мандати, за реформи од кои бенефит имаат сите граѓани, ветер во грбот, рече Груевски се гласовите на неопределените кои ја препознаа разликата.
Оваа победа им пркоси на лажните анкети со кои партиски центри сакаа да создадат забуна кај граѓаните рече Груевски. Убедливата разлика во првиот круг е евидентна, затоа што Иванов го победи Пендаровски во сите општини, освен во Арачиново, Сарај, Чучер Сандево, Струмица, Карпош и Центар. Во сите останати општини, рече Груевски, кандидатот на ВМРО и Коалциијата ја има довербата на мнозинството граѓани.
Досега се претставени 50-тина проекти. Имаме 2046. Ни претстои многу работа, сакаме сите да им ги претставиме на граѓаните, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Најави дека продолжението на кампањата неговата партија ќе влезе поинтензивно за, како што рече, победата на 27 да биде уште поубедлива.
Анита Димитријевска
