Земјата за 50-тина години ќе се „пече“ ако не се намалат стакленичките гасови

14.04.2014 13:11

Глобалното затоплување се уште може да се лимитира на 2 степена (Целзиусови) во однос на прединдустриското време,но треба да се дејствува брзо за да се намалат емисиите на стакленичките гасови за 40 до 70 % до 2050 година,препорачуваат експертите на Организацијата на Обединетите нации во документот што во неделата во Берлин го објави Меѓувладиниот панел за климатските промени.(IPCC)

Ако светот зависноста од нафта и јаглен набрзо не ја замени со поголемо искористување на обновливите извори на енергија, глобалната температура до 2100 ќе се зголеми за 3,7 до 4,8 Целзиусови степени-стои во документот на ООН. Емисиите на стакленичките гасови не само што не престануваат да растат туку растат се побрзо- 2,2% годишно меѓу 2000 г. и 2010г., деценија што е доказ за големото враќање на јагленот.Без да се намали штетната емисија до 2030, ќе биде потешко да се избегне зголемувањето за 2 Целзиусови степени, а тогаш и можностите ќе се намалат, предупредуваат научниците. Во извештајот се наведува дека вложувањето во извори на енергија со ниски емисии на јаглерод  (обновливи извори,нуклеарна енергија) до 2050 треба да се зголеми за 3-4 пати.Потребна е поголема енергетска ефикасност во сите сектори, намалена сеча на дрвјата и зголемување на пошумувањето.

Документот е синтеза на многу пообемен  извештај за климатските промени од 2000 страници, што служи како научна основа за тешките меѓународни преговори во 2015 во Париз, што треба да резултираат со глобална спогодба  за борба против климатските промени.

Соња Стојановска