Француски предлог

В понеделник координација во Собранието за францускиот предлог, ќе се знае кога ќе биде пленарната седница

09.07.2022 12:51

Во понеделник на редовна координација на пратеничките групи во Собранието ќе се знае кога францускиот предлог ќе се најде на пленарна седница. Неизвесно е учеството на ВМРО-ДПМНЕ. Бараат власта да не се обидува одговорноста да ја префрли на Законодавниот дом. Велат народот јасно кажа „не“ на асимилаторскиот и понижувачки предлог со кој се блокира македонската интеграција во ЕУ. СДСМ став – Собранието е место за дебата, ВМРО-ДПМНЕ да не бега, народните избраници имаат одговорност во носење конечна одлука...

„Држи, не давај за модифицираниот француски предлог“. На улица протести со пауза поради празникот, во Законодавниот дом подготовки за расправа. В понеделник координација кај спикерот Џафери, по која се очекува да се знае кога предлогот ќе се разгледува на пленарна седница. Според власта, токму Собранието е местото за дебата и одлука.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта го крие билатералниот протокол со Бугарија, документ кој како што велат, содржи конкретни обврски за земјава на барање на Софија. Затоа велат, на власта и се брза со собраниската расправа која нема никаква врска со процесот, бидејќи се работи за Меѓувладина конференција. Единствената реална улога која ќе ја има Собранието е кога ќе треба да гласа за промена на уставот која ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нема да дозволи да помине.

И додека за в недела се закажани нови протести, власта повика ВМРО-ДПМНЕ и Левица да се откаже од блокадите. Опозицијата одговори – доколку Владата го отфрли предлогот, тие ќе отстапат од барањето за брзи предвремени избори.

Фиљана Кока