Атентаторот на Абе мислел дека припаѓа на религиозна организација
Човекот кој го уби поранешниот јапонски премиер пред полицијата тврдел дека злосторството не го сторил со умисла, наводно планирал да нападне водач на верска организација за која верува дека ја банкротирала неговата мајка поради донации. А јапонците му оддаваат почит на Шинзо Абе, посмртните останки стигнаа во неговата резиденција во Токио, ќе биде погребан во вторник...

Тецуја Јамагами, човекот кој пукаше во поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе, изјавил дека планирал да нападне одредена организација на која и бил лут и за која верувал дека е поврзана со Абе. Тој рекол дека злосторството не го извршил од политички мотиви.
„Јамагами призна дека имал отпор против одредена организација и бил под импресија дека поранешниот премиер бил поврзан со неа. Тоа довело до самиот чин“, изјави Казухиса Јамамура, од полиција на префектурата Нара.
Абе на повредите им подлегна во болница, откако беше застрелан за време на говор во близина на железничка станица во префектурата Нара. Јамагами беше уапсен на местото на настанот со рачно изработен пиштол. Полицијата ја пребарала неговата куќа и пронашла повеќе предмети за кои се сомнева дека се рачно изработени експлозиви и оружје.
„Во врска со безбедносната операција на денот на инцидентот, ја поставивме повеќе од три часа, а имаше систем со локалната полиција. Сепак, не можам да откријам колку полицајци беа вклучени во тоа, бидејќи тоа би можело да ги попречи идните безбедносни операции“, рече Хаџиму Тани, од полициско одделение за безбедност во префектурата Нара.
„Не најдовме никаков експлозив, но бидејќи имаше рачно изработени пиштоли, имаше можност за случајно пукање, па повикавме тим за деактивирање бомби“, рече Казухиса Јамамура, од полиција на префектурата Нара.
Колона со посмртните останки на поранешниот јапонски премиер пристигна во неговата резиденција во Токио. Голем број граѓани и светски државници му оддаваат почит на убиениот политичар кој ќе биде погребан во вторник во родниот град.
Марина Ристова
