345 илјади евра од ЕУ за одводен систем во Гевгелија
Општина Гевгелија доби 345.808 евра за доградба на одводниот канал „Рауљ“ кај Гевгелија од ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Република Грција.

Општина Гевгелија доби 345.808 евра за доградба на одводниот канал „Рауљ“ кај Гевгелија од ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Република Грција. Во тукушто објавените резултати од третиот повик на ИПА-ППС 2007-2013, по состанокот на Заедничкиот управен комитет во Серес, се наведува дека од вкупно одобрените 16 проекти, проектот на општина Гевгелија освоил максимални 73,50 поени и е рангиран како прв на приоритетната листа.Општина Гевгелија е водечки пртнер за реализација на овој проект, а финансиски партнери се јавното претпријатие за водостопанство и канализација во Пеонија и општина Пеонија.
Грчките партнери во рамките на проектот ќе градат пречистителна станица меѓу Поликастро и Бојмица. Додека пак во општина Гевгелија со доделените средства е предвидена доградба на втората и третата фаза од одводниот канал „Рауљ“,Како што е познато, минатата година беше завршена изградбата и уредувањето на првата фаза од одводниот канал „Рауљ“, односно делот од поранешниот објект на „Пелагонија“ до мостот за Негорци. Во втората и третата фаза е предвидено уредување на каналот до неговото влевање во реката Вардар. Со тоа ќе се обезбеди целосна заштита на овој дел од Гевгелија од поројните води и атмосферските води кои се слеваат во овој канал.Инаку, според објавените резултати, втор на листата е одобрениот проект на Советот на Југоисточниот плански регион „Вмрежување на малите и средни претпријатија од креативната индустрија во прекуграничниот регион“ за чија реализација од ИПА-ППС се доделени 497.597 евра. Партнер во реализацијата на проектот на Југоисточниот плански регион, каде што припаѓа и општина Гевгелија, е Центарот за обука на возрасни - Регионална единица во Серес.
