Според статистиката вакцините против Ковид-19 се безбедни
Вакцината против Ковид-19 според статистичките податоци е безбедна, но ќе биде потребен подолг период за да се истражат долгорочните ефекти врз човечкиот организам поради забрзаниот процес на нејзината употреба. Ова го вели штипјанецот Панче Наумов, професор на универзитетот во Њујорк којшто има огранок во Абу Даби. За својот придонес во науката, односно хемиските науки Владата на Обединетите Арапски Емирати му врачила „златна виза“, а тој е и еден од основачите на Академијата на науките на оваа земја...

Новиот бран на пандемијата е во тек, но разликата помеѓу овој бран и останатите е во тоа што голем број од луѓето се веќе вакцинирани и нивниот организам е подготвен да се соочи со коронавирусот поради што смртноста ќе биде мала. Ова го вели светски познатиот хемичар Панче Наумов кој потекнува од Штип и е единствениот Македонец којшто добил „златна виза“ за придонес кон науката на Обединетите Арапски Емирати. Во лабораторијата со која тој раководи во Абу Даби на почетокот на пандемијата се вршеа истражувања на потенцијалните термички стабилни вакцини против коронавирусот. Наумов посочува дека во моментов големите компании работат на усовршување на вакцините.
„Воведување на нова вакцина не е лесна работа, значи потребни се меѓу 7 и 10 години за вакцината да се осигура, да ги помине сите регулаторни бариери за да се осигураме дека таа ќе биде безбедна за голем спектар на луѓе. Затоа што различни луѓе со различни физички предиспозиции, старосна граница и т.н., историја на болест имаат различен начин на одговор на вакцините“, вели д-р Панче Наумов-професор на Универзитетот „Њујорк“.
Како научник е прерано да предвидам какви последици и долгорочни ефекти ќе остават вакцините врз луѓето бидејќи пандемијата не дозволи доволно време тие да се тестираат во 3-4 фази пред нивната широка употреба. За тоа е потребно време како и секогаш низ историјата, вели Наумов кој примил три дози од вакцината.
„Според она што е објавено во научната литература кога се гледа статистички многу мал број на луѓе имаа реакции коишто беа сериозни. Значи такви случаи имаше меѓутоа кога тоа ќе се пресмета и спореди со други вакцини какви што се полио, маларија и т.н., таа вакцина за корона не беше ништо пострашна и ништо потешка врз основа на статистиките коишто ги добивавме“, рече д-р Панче Наумов-професор на Универзитетот „Њујорк“.
За ефикасноста на лековите и нивната сигурност Наумов како пример посочува еден од лековите за сида кој на почетокот на употребата бил ефикасен, но еднодецениските истражувања на лекот покажале дека тој во меѓувреме немал никаков ефект врз луѓето кои примале терапија поради хемиски промени.
Сашо Нелоски
