Спречено криумчарење на мигранти
Полицијата уапси двајца криумчари на мигранти. Во товарно возило со приколка превезувале 87 странски државјани...

На автопатот кај клучката „Миравци“ откриени 87 мигранти. Уапсени се 43 годишник од Скопје и 26 годишен жител на Арачиново, коишто во товарно возило со приколка ги превезувале странските државјани. Против нив ќе биде поднесена кривична пријава, а мигрантите се однесени во прифатно-транзитен центар.
Во првите пет месеци годинава споредбено со истиот период лани, напливот на мигранти, особено на јужната граница е намален за над 20 проценти. Според МВР, тоа се должи на алтернативните рути кои ја одминуваат нашата земја, но и на зајакнатите контроли.
Криумчарењето на мигранти, пак, е зголемено за 83 проценти. Лани се спречени 17 обиди, годинава 31. Кризната состојба на јужната граница е продолжена до крајот на годинава.
Александра Спировска
