„Важна одлука за Северна Македонија да оди напред“
Компромисниот предлог ги зема предвид интересите и грижите и на Скопје и на Софија. Се темели на меѓусебна почит, доверба и разбирање – оваа порака во заедничка изјава ја испратија американскиот државен секретар Блинкен и шефот на европската дипломатија Борел. Тие велат дека суверената одлуката на нашето Собрание ќе биде важна за земјава да оди напред...

Во овој критичен момент во европската историја поради неоправданата агресија на Русија врз Украина, напредувањето на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за зајакнување на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент. Во заедничка изјава, американскиот државен секретар Блинкен и шефот на европската дипломатија Борел го повикаа македонскиот парламент да донесе одлука со која земјата ќе оди напред.
„Го поздравуваме компромисниот предлог кој ги зема предвид интересите и грижите и на Северна Македонија и на Бугарија, врз основа на меѓусебна почит, доверба и разбирање. Суверената одлука на парламентот на Северна Македонија ќе биде важна да се оди напред. Духот на конструктивниот компромис на кој е изградена европската интеграција треба да продолжи да ги инспирира сите вклучени во овој историски процес“, се вели во заедничката изјава.
Борел и Блинкен уверуваат дека ЕУ и САД се посветени на поблиска соработка во Западен Балкан и оти обезбедувањето стабилност и просперитет и преточувањето на европската и евроатлантската иднина во реалност останува заедничка цел на Брисел и Вашингтон. Пред расправата во македонското Собрание, повеќе странски државници испратија повици земјава да го прифати предлогот. Меѓу нив беше и францускиот претседател Макрон на чијашто иницијатива дојде европскиот предлог, кој рече дека договорот не го доведува во прашање официјалното постоење на македонскиот јазик, кој е дел од нашиот идентитет.
Мартин Пушевски
