Петков: Бугарските позиции станаа европски
Со францускиот предлог, бугарските позиции станаа европски, вели премиерот во оставка Кирил Петков. Според него Скопје треба да го прифати документот,како ужасен чекор го оценува раздвојувањето на пакетот во којшто се наоѓаме со Албанија...

Бугарските позиции станаа европски преку предлогот на француското претседателство со Европската унија којшто е исклучително добар, вели во интервју за БТВ, премиерот во оставка на источниот сосед, Кирил Петков. Тој во получасовниот разговор, во само кус дел посветен за земјава, рече дека иако знае оти за Скопје е тешко да ги прифати овие позиции, предложени од Париз, сепак, тоа треба да го направи ако земјава сака да избере европски пат. За Петков е неприфатливо раздвојување на пакетот со Албанија, бидејќи тоа, според него би било ужасен чекор.
„Францускиот предлог беше исклучително добар и овозможи бугарската позиција да стане европска позиција. Тоа што во моментов се случува во Северна Македонија и поради тоа што ним им е многу тешко да ја прифатат таа позиција, но тие според мене треба да разберат дека ако Македонија сака да се развива, европскиот пат е единствениот пат за таа држава. Ќе биде ужасно ако на Албанија и се дозволи да го продолжи патот кон Европската унија, а Македонија да остане“, рече Петков.
На бугарската дипломатија, од можни шест, Петков и даде оценка од 5,5, притоа ја пофали министерката за надворешни Генчовска, којашто е од редовите на „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов. Петков во интервјуто го повтори ставот дека во Бугарија, темата за Северна Македонија се користи како магла за одвлекување на вниманието од внатрешно-политичките состојби, односно како што рече, од обидот да се извлечат средства од Агенцијата за патишта и „Автомагистрали“ и да се потрошат огромни пари.
Мартин Пушевски
