Охрид

Ќе се отвори книжевно катче за странските туристи

10.07.2022 13:34

Охридската библиотека „Григор Прличев“ ова лето ќе понуди новини за странските и домашните посетители на Охрид. покрај книжевно катче за странците ќе биде организиран и летен саем на книгата што треба да придонесе за афирмација на македонските автори преведени на англиски јазик. Тоа во истовреме ќе придонесе странците да заминат побогати со уште едно убаво искуство за нашата држава и литература...

За прв пат ова лето во Охрид ќе биде отворено бесплатно книжевно катче кое ќе функционира 24 часа. Трезорите на библиотеката се богати со странска литература особено на англиски и германски јазик, на јазиците на соседните држави и други светски јазици коишто гостите ќе можат да ги позајмат но и да ги разменат со свои книги. Тоа ќе биде ново искуство за нив при што одморот ќе можат да го поминат во дружба со книгата.

„Се надеваме дека тоа ќе наиде на поширок интерес кај туристите. Оваа практика всушност е добро позната во странските летувалишта и во соседството и пошироко и се надеваме дека така ќе ја збогатиме понудата и на некој начин ќе придонесеме во комуникацијата помеѓу туристите од различни земји“, вели Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

Библиотеката исто така деновиве планира за прв пат да отвори Летен саем на книгата при што странските љубители на пишуваниот збор ќе имаат можност да купат македонска литература преведена на англиски јазик.

„Тоа се дела кои на некој начин ја дават вистинската слика за македонската книжевна литература. Преведени се пред неколку години како Проект на Министерството за култура и ќе бидат продавани по популарни цени, а истовремено исто така таква литература на македонски јазик која е преведена на англиски каде што странците ќе можат да се запознаат со македонското творештво и автори“, додаде Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.

Националната установа исто така ќе им понуди на хотелите да набават литература од македонски и странски продукции за да ја зголемат својата понуда.

Сашо Нелоски