Македонија

Пендаровски: Францускиот предлог е своевиден преоден компромис со попатно вметната блокада

10.07.2022 14:01

Францускиот предлог е своевиден преоден компромис со попатно вметната блокада, коментира македонскиот претседател Пендаровски во интервју за грчки Етнос. Шефот на државава објаснува дека од една страна, по 17 години во чекалната конечно ќе почнеме преговори, но од друга страна, тешко ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за вметнувањето на бугарите во Уставот...

Францускиот предлог за претседателот Пендаровски претставува преоден компромис, но со попатна вметната блокада. Според него, од една страна се отвораат пристапните преговори на што чекаме цели 17 години, но од друга страна, тешко ќе се обезбедат потребните 80 гласови во Собранието за вметнувањето на Бугарите во Уставот.

„Ние по 17 години во чекалната конечно би ги отпочнале преговорите за членство и тоа е најголемата придобивка. Сепак, по процесот на скрингот постои еден предуслов за продолжување на преговорите, а тоа е амандманот со кој треба да се вметнат Бугарите во македонскиот Устав. Имајќи ја предвид актуелната политичка поделеност, мошне се слаби шансите дека која било политичка партија би можела да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, кое би ја поддржало таа уставна измена“, смета шефот на државата.

Претседателот Пендаровски во интервјуто за Етнос предупреди дека Русија продуцира хибридни закани кон целиот балкански регион и оти нивниот интензитет и комплексност е ист како и за време на референдумот за Договорот од Преспа. Говорејќи за односите меѓу Скопје и Атина, Пендаровски смета дека бенефитот од договорот од Преспа е зачленувањето на земјава во НАТО, но оти по неговото потпишување се отворија нови можности за економската соработка. Тој како пример го посочи интерконекторот за гас кај Александрополилс.

„Голем дел од граѓаните сфатија дека промената на името воопшто не го засегна нашиот национален идентитет, а тоа предизвикуваше најголема загриженост во текот на долгогодишните преговори. Противници и натаму има, но, не во обем како што тоа беше во периодот на уставните измени“, рече претседателот Пендаровски.

Пендаровски во интервјуто за Етнос изрази надеж трите меморандуми усогласени и потпишани уште во 2019 ќе бидат ратификувани од грчкиот Парламент, со што ќе се отвори патот за нови билатерални договори меѓу двете земји.

Александра Спировска