Руско-украински конфликт

Киев подготвува контранапад, евакуација во Херсон

11.07.2022 12:37

Русија и Украина не успеваат да постигнат примирје. Се продлабочува кризата со храна и енергенси. Пред жетвата, пристаништата во Украина и натаму блокирани. Руски „Гаспром“ ја прекинува испораката поради рутинско одржување, но Европа стравува од целосен прекин на доставата на енергенсот...

И по петмесечно војување, Русија и Украина не успеваат да постигнат примирје. Киев ги повика цивилите во Херсон да се евакуираат бидејќи украинските сили подготвуваат голем контранапад.

Знаете дека нацистичките убијци ги наоѓаат и изнесуваат пред правдата и кога имаат 90 или 100 години. Ги апсат низ целиот свет. Ние, се разбира, нема да чекаме толку долго. Но ова ви го наведувам како пример за неизбежна казна за секој руски убиец. Буквално секој!“, порача Володимир Зеленски, Претседател на Украина.

 

„Руските сили ја продолжуваат специјалната воена операција во Украина. Во напад со високо-прецизно оружје беше погодена привремена база на украинската артилерија и складиште со муниција лоцирано во фабриката за керамика Славјанск. Загинаа 100 војници“, изјави Игор Конашенков, изјави портпарол на руското Министерство за одбрана.

Руската компанија „Гаспром“ денеска почнува 10-дневно рутинско одржување на „Северен тек 1“ поради што ќе биде запрена испораката на енергенсот. Но Европа стравува дека Москва подготвува целосен прекин на доставата на гас поради воведените санкции.

Покрај енергетската, се продлабочува и кризата со храната. На украинските пристаништа се блокирани околу 22 милиони тони жито. Земјата во нормални услови извезуваше 30% во Европа, исто толку во Северна Африка, и 40% во Азија. Во време на војна, работниците кои секојдневно се изложуваат на голем ризик во полињата, сега се соочуваат и со закана од банкрот.

„Се надевам дека ќе се најде решение за да се отворат пристаништата бидејќи, во спротивно, украинските земјоделци нема да преживеат. А ако се случи такво нешто, нема да се хранат африканските земји, изјави Микола Горбачов, шеф на Здружението за жито.

Засега, третина од украинскиот извоз се одвива преку пристаништата на Дунав, а житото треба да се доставува преку 12 гранични премини, што според надлежните и земјоделците, не е функционално логистичко решение бидејќи на границите камионите може да чекаат со денови.

„Нашето жито не може да влезе на меѓународниот пазар бидејќи пристаништата не работат. Морската рута ни беше најважна. Поради проблемот се намали побарувачката. Сега се развиваат нови логистички рути низ Европа. Но Европа не може да се справи со огромните количества кои ги произведуваме“, изјави Олександар Чубук, земјоделец.

Организацијата за храна и земјоделство при ОН најави проект од 17 милиони долари за санирање на овој проблем.

Маја С. Филдишев